11 и кога дојде кај нас, го зеде Павловиот појас, па ги врза рацете свои и нозете и рече: „Тоа го вели Духот Свети; така ќе го врзат Јудејците во Ерусалим оној маж, на кого што му припаѓа овој појас, и ќе го предадат во рацете на незнабошците.“
12 Штом го чувме тоа, и ние и тамошните го молевме да не се качува во Ерусалим.
13 Но Павле одговори: „Што правите, та плачете и го нажалувате срцето мое? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господ Исус.“
14 А бидејќи тој не се премисли, ние замолкнавме и рековме: „Нека биде волјата Господова!“
15 Откако изминаа деновите се подготвивме за пат и се искачивме во Ерусалим.
16 Со нас дојдоа и некои ученици од Кесарија, кои нѐ одведоа кај некој си Мнасон, од Кипар, ученик од самиот почеток. Кај него требаше да престојуваме на гости.
17 Кога пристигнавме во Ерусалим, браќата нѐ примија со радост.