20 А тие, кога слушнаа, Го славеа Бога и му рекоа: „Гледаш, брате, колку десетици илјади Јудејци поверуваа, и сите тие станаа ревносни приврзаници на Законот.
21 А за тебе многу им е зборувано дека ги учиш сите Јудејци, кои се меѓу незнабошците, да отстапуваат од Мојсеј, велејќи им да не ги обрезуваат чедата свои, и да не постапуваат по обичаите.
22 И што да се прави сега? Бездруго ќе дојде многу народ, зашто ќе слушнат дека си дошол.
23 Направи, пак, што ти велиме: кај нас има четворица мажи, кои се под завет.
24 Земи ги, очисти се со нив и плати им да си ги истрижат главите, и сите да разберат дека она што го слушнале за тебе, не е ништо, туку дека и ти сам живееш според Законот и го пазиш.
25 А за незнабошците што поверуваа ние пишавме, откако решивме, да не пазат ништо такво, туку само да се воздржуваат од идолски жртви, од крв, од удавено и од блудство.“
26 Тогаш Павле ги зеде тие луѓе, и, откако се очисти со нив, на вториот ден влезе во храмот и го објави денот, во кој се навршуваат деновите на очистувањето и во кој ќе се принесе жртва за секого од нив.