32 А тој веднаш зеде војници и офисери и се спушти кон нив; тие, кога ги видоа заповедникот и војниците, престанаа да го тепаат Павле.
33 Тогаш заповедникот се приближи, го фати и заповеда да го врзат со двојни ланци, па праша: кој е тој и што направил?
34 Од народот едни викаа едно, други – друго. А тој не можејќи да ја дознае вистината поради силната врева, заповеда да го одведат во тврдината.
35 А кога стигнаа до скалите, војниците требаше да го носат, поради насилието од народот;
36 бидејќи многу народ ги следеше и викаше: „Погуби го!“
37 Кога сакаа да го воведат во тврдината, Павле му рече на заповедникот: „Можам ли да ти кажам нешто?“ А тој рече: „Зарем знаеш грчки?
38 Не си ли ти оној Египќанин, кој пред неколку дни крена бунт и одведе во пустина четири илјади мажи разбојници?“