21 И ми рече: ‚Оди! Јас те праќам далеку – кај незнабошците.‘“
22 И сѐ до овој збор тие го слушаа, но потоа го издигнаа гласот свој и почнаа да викаат: „Тргни го од земјата таков! Тој не треба да живее!“
23 И бидејќи тие вревеа, мавтаа со алиштата свои, та креваа прав во воздухот,
24 заповедникот нареди да го водат во тврдината и порача да го испитуваат со камшикување, за да дознае зошто така викаат против него.
25 Но, кога го растегнаа со ремења за да го камшикуваат, Павле му рече на стотникот, кој стоеше таму: „Зар ви е дозволено да камшикувате римски граѓанин, и тоа без пресуда?“
26 Кога го слушна тоа стотникот, отиде да го извести заповедникот, па му рече: „Што мислиш да правиш? Овој човек е римски граѓанин!“
27 Тогаш заповедникот се приближи до него и рече: „Кажи ми, римски граѓанин ли си ти?“ Тој одговори: „Да.“