10 И бидејќи настана голема мешаница, заповедникот, уплашен да не го растргнат Павле, им заповеда на војниците да слезат и да го грабнат од нив и да го одведат во тврдината.
11 Ноќта му се јави Господ и му рече: „Не плаши се, Павле! И како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.“
12 А кога осамна, некои од Јудејците се договорија, се заколнаа со заклетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павле.
13 Имаше повеќе од четириесет мажи што дадоа таква заклетва.
14 Па отидоа кај првосвештениците и старешините и рекоа: „Клетва си кладовме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павле.
15 Затоа вие од Синедрионот соопштете му сега на заповедникот да го доведе утре долу пред нас, небаре ќе сакате поточно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.“
16 Кога слушна за заседата синот на Павловата сестра, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павле.