16 Кога слушна за заседата синот на Павловата сестра, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павле.
17 А Павле повика еден стотник и му рече: „Одведи го ова момче кај заповедникот, зашто има нешто да му каже.“
18 И тој го зеде, го одведе кај заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го доведам кај тебе, зашто имало нешто да ти каже.“
19 Заповедникот го фати за рака, застана со него на страна и го праша: „Што имаш да ми кажеш?“
20 А тоа рече: „Јудејците се договорија да те молат да го одведеш утре Павле долу пред Синедрионот, небаре ќе сакаат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело.
21 Но ти не им верувај, зашто ќе го чекаат четириесет, а и повеќе од четириесет нивни луѓе, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сѐ додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.“
22 Тогаш заповедникот го испрати момчето и му порача: „Никому не кажувај дека си ми го кажал ова!“