21 Но ти не им верувај, зашто ќе го чекаат четириесет, а и повеќе од четириесет нивни луѓе, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сѐ додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.“
22 Тогаш заповедникот го испрати момчето и му порача: „Никому не кажувај дека си ми го кажал ова!“
23 Потоа повика двајца стотници и рече: „Пригответе ми двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Кесарија во третиот час ноќеска;
24 и пригответе добици, за да го качат Павле и да го одведат до намесникот Феликс!“
25 Напиша и писмо со оваа содржина:
26 „Клавдиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс.
27 Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се појавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав дека е римски граѓанин.