23 Потоа повика двајца стотници и рече: „Пригответе ми двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Кесарија во третиот час ноќеска;
24 и пригответе добици, за да го качат Павле и да го одведат до намесникот Феликс!“
25 Напиша и писмо со оваа содржина:
26 „Клавдиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс.
27 Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се појавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав дека е римски граѓанин.
28 И сакајќи да ја дознаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот Синедрион,
29 и дознав дека го обвинуваат по прашање од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужил смрт или окови.