14 таму најдовме браќа, по чија молба кај нив останавме седум дена. И потоа тргнавме за Рим.
15 Тамошните браќа, штом чуја за нас, излегоа да нѐ пресретнат до Апиевиот плоштад и до Трите крчми. Кога ги виде Павле, Му заблагодари на Бога и се ободри.
16 Штом стигнавме во Рим стотникот му ги предаде затворениците на војводата, на Павле му беше допуштено да живее одделно, но под стража на еден војник.
17 По три дни Павле ги повика првенците јудејски и кога се собраа, тој им зборуваше: „Мажи браќа, иако не направив ништо против народот или татковските обичаи, од Ерусалим ме предадоа окован во рацете на Римјаните.
18 И, откако ме судеа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене не најдоа никаква вина што заслужува смрт;
19 но, бидејќи Јудејците се противеа, бев принуден да барам суд пред царот; но не за тоа да го обвинувам во нешто својот народ.
20 Поради тоа и ве повикав да се видиме и да позборуваме; зашто заради надежта на Израил сум окован во овие ланци.“