4 А мнозина од оние што го слушаа словото, поверуваа; бројот на тие луѓе беше околу пет илјади.
5 Утредента се собраа во Ерусалим нивните началници, старешините и книжниците,
6 првосвештеникот Ана, Кајафа, Јован и Александар, и сите што му припаѓаа на родот првосвештенички.
7 Откако ги поставија во средината, ги прашаа: „Со каква моќ и во чие име го направивте ова?“
8 Тогаш Петар, исполнет со Дух Свети, им рече: „Началници народни и старешини израилски,
9 ако денес нѐ испитувате за доброто дело, што му го направивме на болниот човек, за да кажеме како е тој излекуван,
10 тогаш нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израилски, дека овој стои здрав пред вас во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, Кого Бог Го воскресна од мртвите.