31 Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Зачетникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израил.
32 За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние што Му се покоруваат.“
33 Кога го слушнаа тоа, тие се разлутија и мислеа да ги убијат.
34 Но во Синедрионот стана тогаш еден фарисеј, по име Гамалиил, учител на Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда за кратко време да ги изведат апостолите надвор,
35 а ним им рече: „Луѓе Израилци, размислете добро што ќе правите со овие луѓе!
36 Зашто, пред извесно време се крена Тевда, кој зборуваше за себеси дека е тој голем човек, и му се придружија четиристотини мажи; тој беше убиен, и сите што му поверуваа, се разотидоа и исчезнаа.
37 По него, во време на пописот, се крена Јуда Галилеецот и повлече по себе доста народ; но и тој загина и сите што го следеа се растурија.