2 А тој одговори: „Луѓе браќа и татковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога беше во Месопотамија, уште пред да се пресели во Харан,
3 и му рече: ‚Излези од твојата земја, од твојот род и од домот на татко ти, па појди во земјата што ќе ти ја покажам.‘
4 Тогаш тој излезе од земјата Халдејска и се насели во Харан, а оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресели во оваа земја, каде што живеете вие сега.
5 И во неа не му даде наследство ниту една стапка земја, но вети дека ќе му ја даде на потомството негово и нему во посед, иако уште немаше челад.
6 И му рече Бог вака: „Потомците твои ќе бидат населени во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години.
7 Но јас ќе му судам на оној народ, под чие ропство ќе бидат; а потоа тие ќе излезат и ќе Ми служат на ова место.
8 И му го даде заветот за обрезание. Потоа на Авраам му се роди Исак и тој го обреза на осмиот ден; а Исак го роди Јакова, Јаков, пак, дванаесетте патријарси.