35 Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, велејќи: ‚Кој те поставил за началник и судија‘, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за началник и избавител.
36 Тој ги изведе, правејќи чудеса и знаци во земјата египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на четириесет години.
37 Тоа е оној Мојсеј што беше им рекол на синовите Израилеви: ‚Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене. Него послушајте Го!‘.
38 Тоа е оној што на собирот во пустината на Планината Синајска беше со ангелот кој му зборуваше, и со татковците наши; оној што прими животворни зборови нам да ни ги предаде,
39 и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со срцата свои и се свртеа кон Египет,
40 велејќи му на Арон: ‚Направи ни богови што ќе одат пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј кој нѐ изведе од египетската земја.‘
41 И во оние дни направија лик на теле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце.