16 И Јас ќе му покажам колку треба тој да пострада заради името Мое.“
17 А Ананија отиде и влезе во куќата и, откако ги положи рацете свои над него, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.“
18 И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и кога стана, се крсти.
19 А откако прими храна, Савле закрепна. Потоа неколку дена преседе со учениците во Дамаск;
20 и веднаш почна да проповеда во синагогите за Исус дека е Тој Син Божји.
21 И сите што го слушаа, се чудеа и зборуваа: „Не е ли ова оној, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го повикуваа тоа Име, та затоа и овде дошол за да ги доведе врзани пред првосвештениците?“
22 А Савле стануваше сѐ посилен и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос.