Битие (1 Moj.) 11 MKB

1 Целата земја имаше еден јазик и исти зборови.

2 Ама кога луѓето се преселија од исток, најдоа рамница во Сенарската Земја, и се населија таму.

3 И си рекоа еден на друг: „Ајде, да направиме плитари и да ги испечеме во оган!” Плитарите им беа место камен, а смолата место кал.

4 Тогаш рекоа: „Ајде, да си изградиме град и кула, со врв до небото! Да си спечалиме име, за да не се распрснеме по целата земја!”

5 Господ слезе да ги види градот и кулата, што луѓето ги градеа.

6 И Господ рече: „Ете, еден народ се, со еден јазик за сите! Но, ова е само почеток на нивните настојувања. Сега ништо нема да им биде неостварливо, што и да намислат да направат.

7 Да слеземе и да им го измешаме јазикот, за да не се разбираат еден со друг што зборуваат.”

8 Така Господ ги распрсна оттаму по целата земја и прекратија да го ѕидаат градот.

9 Затоа е наречен Вавилон (Мешање), зашто Господ го измеша таму јазикот на целата земја.

10 Овие се Симови потомци: кога Сим имаше сто години - на две години по потопот - му се роди Арфаксад.

11 По Арфаксадовото раѓање, Сим живееше пет стотини години и му се раѓаа уште синови и ќерки.

12 Кога Арфаксад наполни триесет и пет години, му се роди Сала;

13 а по Салиното раѓање Арфаксад живееше четири стотини и три години, и му се раѓаа уште синови и ќерки.

14 Кога Сала имаше триесет години, му се роди Евер;

15 а по Еверовото раѓање Сала живееше четири стотини и три години, и му се раѓаа уште синови и ќерки.

16 Кога Евер имаше триесет и четири години, му се роди Фалек.

17 По Фалековото раѓање, Евер поживеа четири стотини и триесет години, и му се родија уште синови и ќерки.

18 Кога Фалек наполни триесет години, му се роди Рагав.

19 По Рагавовото раѓање, Фалек живееше двеста и девет години, и му се родија уште синови и ќерки.

20 Кога на Рагав му беа триесет и две години, му се роди Серух.

21 По Серуховото раѓање, Рагав поживеа двеста и седум години, и му се народија уште синови и ќерки.

22 Кога Серух имаше триесет години, му се роди Нахор.

23 По Нахоровото раѓање, Серух живееше двеста години и му се родија уште синови и ќерки.

24 Кога Нахор имаше дваесет и девет години, му се роди Тара.

25 По Тариното раѓање, Нахор живееше сто и деветнаесет години, и му се природија уште синови и ќерки.

26 Кога на Тара му беа седумдесет години, му се родија Аврам, Нахор и Аран.

27 Ова е Тарино потомство: На Тара му се родија: Аврам, Нахор и Аран; а на Аран му се роди Лот.

28 Аран почина пред татка си, во својата родна земја, во Халдејски Ур.

29 Аврам и Нахор се оженија. Името на Аврамовата жена беше Сара, а на Нахоровата - Мелха, ќерка на Арам, татко на Мелха и Есха.

30 Сара беше неротка, немаше пород.

31 Тара ги поведе: својот син Аврам, својот внук Лот, Арановиот син, и својата снаа Сара, сопругата на сина си Аврама, и се запати, со нив, од Халдејскиот Ур кон Ханаанската Земја. Кога стигнаа до Харан, се населија таму.

32 А Тариниот век стигна до двеста и пет години; а тогаш Тара почина во Харан.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50