1 Тогаш Господ му рече на Ное: „Влезете: ти и сето твое семејство во бродот, зашто видов дека единствено ти си праведен пред Мене во ова време.
2 Земи со себе од сите чисти животни по седум двојки: машкото и неговата женка.
3 Исто така од небесните птици по седум двојки - машкото и женката - за да им се запази семето на земјата.
4 Зашто, по седум дена, ќе пуштам дожд на земјата: четириесет денови и четириесет ноќи, та ќе го истребам од лицето на земјата секое живо суштество, што сум го создал.”
5 Ное направи сè, како што му нареди Господ.
6 Ное имаше шестотини години кога потопот дојде на земјата.
7 И пред потопните води влегоа во бродот со Ное: неговите синови, неговата жена и жените на неговите синови.
8 Од чистите животни и од животните што не беа чисти, од птиците, од сè што лази по земјата,
9 влегоа по две - машко и женско - во бродот, со Ное, како што Бог му заповеда на Ное.
10 А на седмиот ден, потопните води заплискаа врз земјата.
11 Во оној ден - на шестотата година на Ноевиот живот, во вториот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот - бликнаа сите извори на бездната, се отворија сите небесни брани.
12 И дожд удри да паѓа по земјата четириесет денови и четириесет ноќи.
13 Во оној ден влегоа во бродот Ное и неговите синови: Сим, Хам и Јафет, Ноевата жена и трите жени на Ноевите синови со нив;
14 тие, и сите видови животни: добитокот, лазачите што ползат по земјата, птиците и разновидни крилести суштества,
15 влегоа во бродот со Ное, по две од сите суштества што имаат во себе жива душа.
16 Сè што влезе беше двојка: машки и женски пол од сите суштества, како што Бог му нареди на Ное. Тогаш Господ ја затвори вратата зад него.
17 Поројниот дожд паѓаше на земјата четириесет денови; водите растеа постојано и го носеа бродот: се дигна високо над земјата.
18 Водите надоаѓаа бујно над земјата и растеа високо, а бродот пловеше по површината.
19 Водите поплавуваа сè посилно и растеа над земјата, така што ги покрија сите највисоки планини под небото.
20 Водите се креваа петнаесет лакти над потонатите планини.
21 Загинаа сите суштества што се движеа по земјата: птиците, добитокот, ѕверовите, сите лазачи и сите луѓе.
22 Сè што имаше животно дишење во своите носалки - сè што беше на копното - загина.
23 Беше истребено секое суштество од земјината површина: човекот, животните, лазачите и небесните птици, сè беше збришано од земјата. Останаа само Ное и оние што беа со него во бродот.
24 Водите се задржаа над земјата сто и педесет денови.