Битие (1 Moj.) 15 MKB

1 По тие настани Бог му испрати слово на Аврама, во видение: „Не бој се, Авраме! Јас Сум твој штит; а твојата награда ќе биде многу голема.”

2 Аврам рече: „Господи Боже, што ќе ми се даровите, кога останав без пород; кога овој Елиезер, од Дамаск, ќе го наследи мојот дом?”

3 Аврам рече уште: „Ете, не ми даде потомство, и слугата роден во мојот дом ќе ми биде наследник.”

4 Ама Господ пак му испрати слово: „Тој нема да стане твој наследник; туку ќе те наследи твојот потомок, кој ќе произлезе од твоето бедро.”

5 Го изведе надвор и рече: „Погледај сега на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги преброиш.” И му рече: „Толкаво ќе биде твоето потомство.”

6 Аврам Му поверува на Господа и тоа му се засмета за праведност.

7 Тогаш Тој му рече: „Јас Сум Господ, Кој те изведе од Халдејскиот Ур, за да ти ја предадам оваа земја во наследство!”

8 А тој рече: „Господи, Господи, по што ќе знам дека ќе биде моја?”

9 Господ му одговори: „Принеси ми тригодишна јуница, тригодишна коза, тригодишен овен, грлица и гулапче.”

10 Тој Му донесе сè тоа, ги расече наполовина и ги стави половините една спроти друга; птиците не ги пресече.

11 Грабливи птици слетуваа на труповите, но Аврам ги растеруваше.

12 При зајдисонце, длабок сон го опфати Аврама, а тогаш густ мрак се спушти врз него, полн со морничавост.

13 И Господ му рече на Аврама: „Знај дека твоите потомци ќе бидат странци во туѓа земја; ќе робуваат и ќе бидат угнетувани четири стотини години;

14 ама Јас ќе му судам на народот кому ќе му робуваат; и конечно ќе излезат со големо благо.

15 А ти ќе отидеш при своите татковци во мир; ќе бидеш погребан во добра старост.

16 Твоите потомци ќе се вратат тука во четвртото поколение, зашто уште не се исполни мерата на аморејските злодела.”

17 А кога сонцето зајде и падна густа темнина, ете, дим како од печка, а огнен пламен помина меѓу расечените делови.

18 Во тој ден Господ склучи завет со Аврама, велејќи: „Му ја давам земјава на твоето потомство, од Реката во Египет до Големата Река, реката Еуфрат:

19 земјата на: Кенејците, Кенезијците, Кедмонејците,

20 Хетејците, Ферезејците, Рафаимците,

21 Аморејците, Ханаанците, Гергесејците и Евусејците.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50