Битие (1 Moj.) 39 MKB

1 Јосифа го доведоа во Египет. Таму, од Исмаилците кои го доведоа тука, го купи Египетецот Петефриј, фараонов придворник и заповедник на неговата телесна стража.

2 Господ беше со Јосифа, затоа имаше успех во сè: Египетецот го зеде при себе, во куќата.

3 Неговиот господар виде дека е Господ со него и дека му дава успех во сè што неговата рака презема;

4 тој го засака и го зеде дворјанец, и го постави за управител на својот дом и му го довери сиот свој имот.

5 А откако го постави над домот свој и над сè што имаше, Господ го благослови домот на Египетецот заради Јосифа: Господовиот благослов беше на сè што имаше - во куќата и во полето.

6 И така сè свое и отстапи на Јосифовата грижа, па повеќе не се грижеше за ништо, освен за лебот што го јадеше. А Јосиф беше со складна става и убав.

7 По некое време господаровата жена се загледа во него и му рече: „Легни со мене!”

8 Тој и се спротиви и рече на жената на својот господар: „Гледај! Откако сум јас тука, мојот господар не се грижи за ништо во куќата; сè што има ми го довери мене.

9 Тој нема во куќава поголема власт отколку јас, и ништо не ми скратува освен тебе, зашто си негова жена. И како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога!”

10 Иако таа секојдневно му зборуваше така на Јосифа, тој не се согласи да легне со неа и да биде со неа.

11 Еден ден Јосиф влезе во куќата по работа. Бидејќи никој од слугите не беше во куќата,

12 таа го фати за наметката и рече: „Легни со мене!” Но тој ја остави својата наметка во нејзината рака, се истрга и избега надвор.

13 Откако виде дека ја остави наметката во нејзината рака и дека избега надвор,

14 ги повика своите слуги и им рече: „Гледајте! Требаше да ни доведе еден Евреин, за да се подигрува со нас. Тој дојде при мене, за да легне со мене, но јас извикав со сиот глас.

15 А штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.”

16 Ја задржа неговата наметка кај себе, додека господарот дојде дома.

17 И нему му ја раскажа истата приказна: „Оној, слугата Евреинот, кого ни го доведе, дојде при мене, за да се подигрува со мене!

18 Но штом чу како викам, ја остави својата наметка покрај мене и избега надвор.”

19 Кога неговиот господар го чу раскажувањето на својата жена, која рече: „Ете, така постапи твојот слуга со мене”, се разгневи.

20 Господарот го грабна Јосифа и го фрли во темницата - таму каде што беа затворени царските затвореници. И остана во темницата.

21 Но Господ беше со него, му покажа благодат на Јосифа, и тој најде милост во очите на управителот на темницата.

22 Така управителот на темницата ги предаде во Јосифови раце сите затвореници, кои се наоѓаа во темницата; и таму не се правеше ништо без него.

23 Бидејќи Господ беше со него, управителот не надгледуваше ништо што му беше доверено на Јосифа: Господ беше со него, и што да преземеше, Господ му даваше успех.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50