1 Ова е книгата на родословието Адамово: кога Господ го создаде човекот, го направи според Божјото подобие;
2 создаде машко и женско. А кога ги создаде, ги благослови и ги нарече - човек.
3 Кога на Адама му беа сто и триесет години му се роди син, сличен нему, според неговиот лик и подобие, му го даде името Сит.
4 По Ситовото раѓање, Адам живееше осум стотини години; и му се родија уште синови и ќерки.
5 Адам поживеа вкупно девет стотини и триесет години. Потоа умре.
6 Кога на Сит му беа сто и пет години, му се роди Енос.
7 По Еносовото раѓање Сит живееше осум стотини и седум години, па му се родија уште синови и ќерки.
8 Сит поживеа вкупно девет стотини и дванаесет години. Потоа умре.
9 Кога на Енос му беа деведесет и три години, му се роди Кенан.
10 По Кенановото раѓање, Енос поживеа осум стотини и петнаесет години, па му се родија уште синови и ќерки.
11 Енос поживеа вкупно девет стотини и пет години. Потоа умре.
12 Кога Кенан имаше седумдесет години, му се роди Малалеил.
13 По Малалеиловото раѓање, Кенан поживеа осум стотини и четириесет години, и му се родија уште синови и ќерки.
14 Кенан поживеа вкупно девет стотини и десет години. И умре.
15 Кога Малалеил наполни шеесет години, му се роди Јаред.
16 По Јаредовото раѓање, Малалеил поживеа осум стотини и триесет години, та му се родија уште синови и ќерки.
17 Малалеил живееше вкупно осум стотини деведесет и пет години. Потоа почина.
18 Кога Јаред имаше сто и шеесет и две години, му се роди Енох.
19 По Еноховото раѓање Јаред живееше осум стотини години, па му се родија уште синови и ќерки.
20 Јаред живееше вкупно девет стотини шеесет и две години. Потоа умре.
21 Кога на Енох му беа шеесет и пет години, му се роди Матусал.
22 Енох одеше со Бога. По Матусаловото раѓање Енох живееше триста години, и му се родија уште синови и ќерки.
23 Енох поживеа вкупно триста шеесет и пет години.
24 Енох одеше со Бога, потоа исчезна; Бог го зеде.
25 Кога Матусал имаше сто осумдесет и седум години, му се роди Ламех.
26 По Ламеховото раѓање Матусал живееше седум стотини осумдесет и две години, па му се раѓаа уште синови и ќерки.
27 Матусал поживеа вкупно девет стотини шеесет и девет години. И умре.
28 Кога Ламех наполни сто осумдесет и две години, му се роди син.
29 Му го даде името Ное, велејќи: „Овој ќе нè утеши, во трудот и во напорот на нашите раце, од земјата, која Бог ја проколна.”
30 По Ноевото раѓање Ламех живееше петстотини деведесет и пет години, и му се раѓаа уште синови и ќерки.
31 Ламех поживеа вкупно седум стотини седумдесет и седум години. Потоа почина.
32 Откако Ное поживеа пет стотини години, му се родија Сим, Хам и Јафет.