Битие (1 Moj.) 31 MKB

1 Тогаш Јаков научи дека Лавановите синови зборуваат: „Јаков му го одзеде целиот имот на татка ни; и го придоби сето она богатство од она што требаше да му припадне на нашиот татко.”

2 А Јаков забележа и на Лавановото лице дека тој не се држи кон него како порано.

3 Тогаш Господ му рече на Јакова: „Врати се во земјата на своите татковци, во својата родина, и Јас ќе бидам со тебе!”

4 Тогаш Јаков ги повика Рахила и Лија во полето, при своето стадо,

5 и им рече: „Јас гледам на лицето на вашиот татко дека тој не се држи кон мене како порано; ама со мене беше Бог на татка ми.

6 И самите знаете дека му служев на вашиот татко колку што можев;

7 па сепак вашиот татко ме измачуваше мене, десетпати ми ја менуваше платата. Но Бог не остави да ми нанесе штета.

8 Ако тој речеше: ‘Секоја шарена нека ти биде плата, ‘тогаш целото стадо раѓаше шарени; ако пак речеше: ‘Капчестите нека ти бидат за плата,’ тогаш целото стадо раѓаше капчести.

9 Така Бог му го одзеде добитокот на татка ви и ми го даде мене.

10 Еднаш, кога стадото се оплодуваше, одненадеж видов во сон дека јарците во стадото, додека се спаруваа беа капчести, делумно бели и шарени.

11 Уште во сонот, Божји ангел ме повика: ‘Јакове!’ ‘Еве ме!’ реков.

12 А тој продолжи: ‘Забележи добро дека јарците во стадото, што се спаруваат се капчести, делумно бели и шарени. Имено, Јас видов сè што ти направи Лаван.

13 Јас Сум Бог, Кој ти се јави во Ветил, каде со масло го помаза столбот и каде ми направи завет. Сега стани и оди си од оваа земја; врати се во својата родина!’”

14 Рахила и Лија му одговорија на тоа: „Зар уште имаме наследнички дел во својот татков дом?

15 Зар нашиот татко не нè сметаше туѓинки? Па тој нè продаде, а потоа го изеде среброто, што го доби за нас!

16 Сето тоа богатство што Бог му го одзеде на нашиот татко, навистина е наше и на нашите деца. Затоа направи сè како што ти рече Бог!”

17 Тогаш Јаков ги качи своите деца и своите жени на камилите;

18 пред себе го потера сиот свој добиток, сиот свој имот што го придобил, добитокот што го собрал во Падан Арам: тргна кон Ханаанската Земја, при татка си Исака.

19 Лаван веќе замина да ги стриже своите овци, па Рахила ги присвои домашните идоли, што му припаѓаа на нејзиниот татко.

20 Јаков го залага Арамеецот Лаван така, што и не насетуваше дека ќе бега.

21 И побегна со сè што беше негово. Наскоро го премина Еуфрат и го насочи патувањето кон Галадскиот Рид.

22 На третиот ден го известија Лаван дека Јаков избегал.

23 Тој ги поведе со себе сите свои роднини и го гонеше со потерата седум дни одење; го стигна на гората Галад.

24 Но Бог му се јави на Арамеецот Лаван, ноќе, на сон, и му рече: „Внимавај, да не преземаш нешто против Јакова, ни добро ни зло!”

25 И така Лаван го стигна Јакова. Јаков го имаше оптегнато својот шатор на гората, а и Лаван со своите роднини се настани на гората Галад.

26 Тогаш Лаван му рече на Јаков: „Што сакаш со тоа, измамувајќи ме и одведувајќи ги моите ќерки, како поробени со меч?

27 Зошто избега потајно, ме заблуди и не ме извести? Ќе те испратев со веселба и песна, со тапанчиња и со лира.

28 Не ме остави ни да ги изљубам своите ќерки и своите внучиња! Навистина, постапи лудо.

29 Во сила е на мојата рака да ви напакости; но Бог на татка ти ми рече ноќеска: ‘Внимавај, да не преземеш нешто против Јакова, ни добро ни зло!’

30 Добро, сега, замини како што копнееше по својот татков дом; но зошто ми ги украде идолите?”

31 Јаков му одговори на Лавана: „Треперев од мислата дека можеш да ми ги одземеш на сила своите ќерки.

32 А во кого ќе ги најдеш своите идоли, тој нека загине! Тука, пред нашите браќа, кажи што е твое при мене, и земи си го!” Јаков не знаеше дека Рахила ги имаше присвоено.

33 Така Лаван влезе во Јакововиот шатор, па во Лијиниот шатор, потоа во шаторот на двете слугинки, но ништо не најде. Откако излезе од Лијиниот шатор, влезе во Рахилиниот шатор.

34 А Рахила ги зеде идолите и ги стави во седлото на својата камила, а потоа седна на нив. Лаван пребаруваше низ целиот шатор, но не ги најде.

35 Имено, таа му рече на татка си: „Нека не се лути мојот господар дека не можам да станам пред него, зашто го имам она што е ред кај жените.” И така бараше, но не ги најде идолите.

36 Тогаш Јаков се налути и почна да се препира со Лавана. Јаков му рече отворено на Лавана: „Какво е моето злосторство, која е мојата вина, што ме прогонуваш?

37 Ете, ги испреврте сите мои работи, па каков предмет од твојата покуќнина најде? Стави го тука пред мојот и својот род, па тие нека ни бидат судии меѓу нас двајцата.

38 За овие дваесет години што ги поминав со тебе, ни твоите овци ни твоите кози не се изјаловија, ниту јадев овни од твоето стадо.

39 Тоа што ѕверка ќе го раскинеше, не ти го донесував тебе, туку од своето ја надоместував загубата. Ти го бараше тоа од мене, било да го снемало дење или да го снемало ноќе.

40 Често дење се измачував од жед, а ноќе од студ. Сонот бегаше од моите очи.

41 Од овие дваесет години, што ги поминав во твојата куќа, четиринаесет години ти служев за твоите две ќерки, а шест години за твојот добиток, зашто ми ја менуваше заработувачката десетпати.

42 Ако со мене не беше Бог на мојот татко, Авраамовиот Бог, Исаковиот Страв, ќе ме испратеше со празни раце. Но Бог ги гледаше мојата неволја и трудот на моите раце, па сношти пресуди.”

43 Тогаш Лаван му одговори на Јакова: „Ќерките се мои ќерки; децата се мои деца; стадата се мои стада; сè што гледаш мое е. Но што можам, денес, да им сторам на своите ќерки и на децата, кои ги родиле?

44 Сега јас и ти да склучиме сојуз, за да биде сведоштво меѓу мене и тебе.”

45 Јаков зеде камен и го исправи како споменик,

46 а тогаш Јаков им рече на своите луѓе: „Соберете камења!” Така тие собраа камења и ги нафрлија на куп. Јадеа, таму, на купот.

47 Тогаш Лаван го нарече Јегар Сахадута (Брег на Сведоштво), а Јаков го нарече Галад.

48 Тогаш Лаван изјави: „Нека овој куп, денес, биде сведок меѓу мене и тебе!” Затоа е и наречен Галад,

49 но и Мисфа, зашто рече: „Господ нека нè надгледува и тебе и мене, кога ќе си отидеме еден од друг.

50 Ако постапуваш лошо кон моите ќерки, или ако земеш други жени покрај моите ќерки, иако никој друг не ќе биде со нас, знај дека Бог ќе биде сведок меѓу мене и тебе!”

51 Потоа Лаван му рече на Јакова: „Еве, тука е купот; тука е столбот што го исправив меѓу себе и тебе:

52 овој куп и овој столб нека бидат сведоштво дека нема да тргнам против тебе, од зад овој куп, и дека ти нема да тргнеш против мене, од зад ова ритче и спомеников.

53 Авраамовиот Бог и Нахоровиот Бог и Богот на нивните татковци нека ни биде наш судија!” Јаков се заколна во Бога - во Стравот на татка си Исака.

54 Потоа Јаков принесе жртва на гората и ги повика своите луѓе да јадат. После јадењето ја поминаа ноќта на гората.

55 Рано наутро, Лаван се крена ги изљуби своите синови и своите ќерки, па ги благослови; тогаш се запати назад во своето место.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50