Битие (1 Moj.) 28 MKB

1 Затоа Исак го повика Јакова, го благослови и му наложи: „Не земај жена од ханаанските девојки.

2 Тргни веднаш за Падан Арам, во домот на Ватуил, татко и на мајка ти, и оттаму земи жена за себе, од ќерките на Лаван, брат на мајка ти.

3 А Сèмоќниот Бог, Ел-Шадај, да те благослови и да те наплоди и умножи, така што да станеш множество народи.

4 Нека ти го даде и тебе благословот даден на Авраама; тебе и на твоето потомство, така што ќе ја наследиш земјата, во која живееш како придојденец, а која Бог му ја даде на Авраама!”

5 Така Исак го испрати Јакова, и тој отиде во Падан Арам, при Лавана, син на Арамеецот Ватуил, брат на Ревека, мајката на Јакова и Исава.

6 Кога Исав виде дека Исак го благослови Јакова, кога го испраќаше во Падан Арам, за да си земе жена оттаму, наредувајќи му додека го благословуваше: „Не смееш да земеш жена од ханаанските девојки”,

7 и дека Јаков ги послуша татка си и мајка си и отиде во Падан Арам,

8 Исав сфати колку му се одвратни ханаанските девојки на татка му Исака.

9 Затоа отиде при Исмаила и, покрај жените кои веќе ги имаше, се ожени за Маелета, ќерка на Исмаил, синот Авраамов, а сестра Новајотова.

10 Јаков ја напушти Вирсавеа и се запати кон Харан.

11 Стигна во некое место и преноќева таму, зашто сонцето веќе беше зајдено. Зеде еден камен од местото, го стави под главата и легна на тоа место.

12 И виде сон: скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Божји ангели се искачуваа и слегуваа по неа.

13 Покрај нив е Господ и му зборува: „Јас Сум Господ, Бог на твојот прататко Авраам и Бог Исаков. Земјата на која лежиш ќе ти ја дадам тебе и на твоето потомство.

14 Твои потомци ќе има како и прав на земјата; ќе се раширите на запад, исток, север и југ; преку тебе и преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата.

15 И ете, Јас Сум со тебе; ќе те чувам каде и да тргнеш, па ќе те доведам назад во оваа земја; и нема да те оставам додека не го извршам она што ти го ветив.”

16 Јаков се разбуди од сонот и рече: „Навистина Господ се наоѓа на ова место, но јас не знаев!”

17 Се уплаши и рече: „Колку е страшно ова место! Не е друго освен дом Божји, ова е врата небеска!”

18 Рано наутро, Јаков го зеде каменот, што го беше ставил под главата, го исправи како столб и излеа масло врз неговиот врв.

19 Тоа место го нарече Ветил, додека името на градот, пред тоа, беше Луз.

20 Тогаш направи завет: „Ако Бог остане со мене и ме запази на патов, по кој одам; и ми даде леб да јадам и облека да се облекувам,

21 така што да се вратам здрав во татковиот дом, Господ ќе биде мој Бог.

22 А каменов што го исправив како столб, ќе биде Божји Дом. А од сè што ќе ми даваш, за Тебе ќе одвојувам десеток.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50