1 Кога Аврам имаше деведесет и девет години, Господ му се јави и му рече: „Јас Сум Ел Шадај - Сè моќен Бог, оди по Мојот пат и биди непорочен.
2 А Својот Завет го склучувам со тебе и ќе те размножам многу.”
3 Аврам падна ничкум додека Господ му зборуваше уште:
4 „А ова е Мојот Завет со тебе, ќе станеш татко на многу народи;
5 и повеќе нема да се викаш Аврам (Висок Татко), туку името ќе ти биде Авраам (Татко на Множество), зашто те поставувам за татко на многу народи.
6 Ќе те направам многу плоден; ќе произведам народи од тебе и цареви ќе произлезат од тебе.
7 Го склучив Својот Завет меѓу Мене и тебе и твоето потомство, после тебе - Свој вечен Завет за векови: Јас ќе ви бидам Бог тебе и на твоето потомство, после тебе.
8 Ви ја давам, тебе и на твоето потомство после тебе, земјата, во која престојуваш како придојденец, целата Ханаанска Земја, во вечна сопственост, а Јас ќе им бидам Бог.”
9 Уште Бог му рече на Авраама: „А ти чувај го Мојот Завет - ти и твоето потомство по тебе низ сите родови.
10 А ова е Мојот Завет, со тебе и со твоето потомство после тебе, што треба да го чувате: секое машко меѓу вас нека биде обрезано.
11 Обрезувајте се и тоа нека е знак на Заветот меѓу Мене и вас.
12 Секое машко среде вас, низ вашите поколенија, кога ќе наполни осум дена, нека биде обрезано, како она што е родено во вашиот дом, така и она што е купено со сребро од некој странец, кој не е од вашата крв.
13 Да, и родениот во твојот дом и купениот со сребро треба да биде обрезан! Така Мојот Завет на вашите тела ќе остане вечен Завет.
14 Машкото што не ќе биде обрезано, нека биде истребено од својот род: зашто го нарушило Мојот Завет.”
15 После Бог му рече на Авраама: „На твојата жена Сара не и е повеќе името Сара: името ќе и биде Сбра.
16 Ќе ја благословам неа и ќе ти дадам син од неа; ќе излеам благослов врз неа и ќе стане мајка на многу народи; цареви на народи ќе произлезат од неа.”
17 Авраам падна ничкум и се насмеа и рече во себеси: „Зар може да му се роди дете на оној, кој има сто години? Зар Сбра ќе раѓа во деведесеттата година?”
18 Авраам му рече на Бога: „Нека поживее Исмаил пред Тебе!”
19 А Бог рече: „Сепак твојата жена Сбра ќе ти роди син; дај му име Исак. Својот Завет ќе го склучам со него; вечен Завет со него и со неговото потомство после него.
20 Те послушав и за Исмаила. Еве го благословувам: ќе го направам плоден и ќе го размножам многу; дванаесет кнезови ќе произлезат од него и голем народ ќе направам од него.
21 Но ќе го држам Својот Завет со Исак, кого ќе ти го роди Сбра, догодина во ова време.”
22 Кога го заврши разговорот со него, Бог замина од кај Авраама.
23 Потоа Авраам ги зеде: својот син Исмаил и сите кои беа родени во неговиот дом и сите што ги купи со сребро - сите машки домашни - и ги обреза во истиот ден, како што Бог му рече.
24 Авраам имаше деведесет и девет години кога се обреза,
25 а неговиот син Исмаил имаше тринаесет години кога го обреза.
26 Така во истиот ден беа обрезани Авраам и неговиот син Исмаил;
27 и сите машки во неговиот дом, како родените во неговата куќа, така и купените со сребро од странци - сите беа обрезани заедно со него.