Битие (1 Moj.) 4 MKB

1 Адам ја позна својата жена Ева, а таа зачна и го роди Каина, па рече: „Добив машко чедо со помош на Господа!”

2 Потоа го роди Авела, братот Каинов; Авел стана сточар, а Каин земјоделец.

3 И еден ден Каин Му принесе на Господа жртва од плодовите на земјата.

4 А и Авел принесе од првородените на својот добиток, и од мрсното. Господ погледна милостиво на Авела и на неговата жртва,

5 а ни поглед не сврти кон Каина и неговата жртва. Затоа Каин се налути многу, и лицето му се смени.

6 И Господ му рече на Каина: „Зошто си лут? Зошто ти е сменето лицето?

7 Зашто ако работиш право, светиш од насмеаност. А ако не работиш право, гревот ти лежи пред врата, што дебне врз тебе; но ти уште можеш да му се спротивиш.”

8 Каин пак му рече на својот брат Авел: „Ајде да излеземе!” И откако се најдоа во полето, Каин скокна на брата си Авела и го уби.

9 Потоа Господ го праша Каина: „Каде е брат ти Авел?” „Не знам - одговори - зар сум јас чувар на својот брат?”

10 Господ продолжи: „Што направи? Слушај! Крвта на твојот брат вика кон Мене од земјата.

11 Затоа биди проклет на земјата, што ја отвори устата за да ја прими крвта на брата ти, од твојата рака!

12 Ќе ја обработуваш земјата, но таа веќе не ќе ти го дава својот род. Ќе бидеш вечен скитник на земјата!”

13 А Каин Му рече на Господа: „Мојата казна е премногу тешка, за да се поднесува.

14 Еве, денес ме тераш од плодната почва; треба да се кријам од Твоето лице и да бидам вечен скитник на земјата - кој ќе ме најде, може да ме убие.”

15 А Господ му рече: „Не! Туку кој ќе го убие Каина, врз него ќе биде извршена седмократна одмазда!” И Господ му стави знак на Каина, за да не го убие некој, кој ќе го сретне.

16 Каин отиде од пред Господовото лице во земјата Нод, источно од Еден, и таму се насели.

17 Каин ја позна својата жена, па таа зачна и го роди Еноха.

18 На Еноха му се роди Ирад, а од Ирада потекнува Мехујаил; од Мехујаила потекнува Метусаил; од Метусаила, Ламех.

19 Ламех зеде две жени. Едната се викаше Ада, а другата Села.

20 Ада го роди Јавала, кој стана прататко на оние што живеат под шатори со добитокот.

21 Името на брата му беше Јувал. Тој е прататко на сите кои свират на харфа и кавал.

22 Села го роди Тувал-Каина, прататко на оние, кои коват орудија од бронза и железо. Името на Тувал-Каиновата сестра и беше Наама.

23 Ламех им рече на своите жени: „Адо и Село, послушајте го мојот глас; Ламехови жени, чујте ја мојата беседа: убив човек, зашто ме рани, и дете, зашто ме удри.

24 Ако Каин биде одмазден седмократно, Ламех ќе биде седумдесет и седумкратно!”

25 Адам ја позна својата жена, па таа роди син и му го даде името Сит. Таа рече: „Бог ми даде друго дете место Авела, кого Каин го уби.”

26 На Сит му се роди син, кому тој му го даде името Енос. Тогаш почнаа да го повикуваат Господовото име.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50