Битие (1 Moj.) 6 MKB

1 Кога луѓето почнаа да се множат по земјата и им се народија ќерки,

2 Божјите синови гледаа дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени, кои ќе ги избереа.

3 Тогаш Господ рече: „Мојот Дух нема да остане довека во човекот; човекот е телесен, па векот нека му биде сто и дваесет години.”

4 Во оние времиња - а и подоцна - на земјата беа Нефили, кога Божјите синови општеа со човечките ќерки, па тие им ги раѓаа оние деца. Тоа се оние, од стари времиња, по сила прочуени луѓе.

5 Господ виде колку е голема човековата расипаност на земјата и дека секоја мисла во неговата памет секогаш е само зло.

6 Господ воздивна и се натажи во Своето срце дека го создаде човекот на земјата.

7 Господ рече: „Ќе ги истребам луѓето што ги создадов од лицето на земјата - од човекот до ѕверот, ползачите и птиците во воздухот - зашто се покајав што ги создадов.”

8 Ама Ное најде благодат во Господовите очи.

9 Еве го Ноевото родословие: Ное беше праведен и непорочен човек во свое време. Ное одеше со Бога.

10 Три сина му се родија на Ное: Сим, Хам и Јафет.

11 Во Божјите очи земјата беше се расипала; земјата се наполни со насилства.

12 И кога Бог виде како се расипа земјата - та секое суштество на земјата се изопачило -

13 Бог му рече на Ное: „Одлучив да им биде крај на сите суштества, зашто земјата се наполни со насилства; и, еве, ќе ги уништам заедно со земјата.

14 Направи си брод од гоферово дрво; направи го бродот со соби и намачкај го со смола внатре и надвор.

15 А ќе го направиш вака: бродот нека биде триста лакти во должина, педесет во ширина, а триесет лакти во височина.

16 Направи му отвор за светлина на бродот, заврши го на лакт до врвот; направи врата на бродот отстрана; направи три ката во него: долни, среден и горен.

17 Еве, Јас ќе пуштам потоп - води на земјата - за да загине секое суштество под небото, сè во што има животен дух: сè на земјата треба да загине.

18 А со тебе ќе склучам Завет; ти ќе влезеш во бродот - ти и твоите синови со тебе, твојата жена и жените на твоите синови.

19 А од сè што е живо - од сите суштества - воведи во бродот по две од секое, за да преживеат со тебе, и нека бидат машко и женско.

20 Од птиците според нивните видови, од животните според нивните видови, и од сите суштества што ползат по почвата според нивните видови: по две од сите нека влезат кај тебе, за да преживеат.

21 Земи со себе сè за јадење па чувај го, за да има храна за тебе и за нив.”

22 Ное направи така. Сè како што му заповеда Бог, така стори.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50