1 Авраам си зеде уште една жена, по име Хетура.
2 Таа му ги роди: Земрана, Јоксана, Мадана, Мадијама, Есвока и Шуаха.
3 А од Јоксана се родија: Сава и Дедан. Деданови потомци се: Асуримците, Латусимците и Лаомимците.
4 Мадијанови синови се: Гефа, Ефер, Енох, Авида и Елдага. Сите тие се Хетурини потомци.
5 Авраам го пренесе целиот свој имот на Исака;
6 а на синовите на своите соложници Авраам им даде само дарови и уште додека беше жив ги испрати кон исток - далеку од својот син Исак - во Источна Земја.
7 Ова е должината на Авраамовиот живот што го проживеа: сто седумдесет и пет години.
8 Потоа Авраам почина, умре во чесна старост - стар и полн со години - па им се придружи на своите луѓе.
9 Неговите синови, Исак и Исмаил, го погребаа во пештерата Махпела, во нивата на Ефрон, син на Хетеецот Сахар, спроти Мамвриј.
10 Тоа е полето што Авраам го купи од Хетевите синови. Таму се погребани Авраам и неговата жена Сбра.
11 По Авраамовата смрт Бог го благослови неговиот син Исак. Исак живееше близу Вир-Лахај-Рои.
12 Еве го родословието на Авраамовиот син Исмаил, кого му го роди на Авраама Сбрината слугинка, Египетката Агара.
13 А ова се Исмаиловите синови, секој според своето име и раѓање: Исмаиловиот првенец - Навајот, Кидар, Адвеил, Мавсам,
14 Масма, Дума, Маса,
15 Адад, Тема, Етур, Нафис и Кедма.
16 Тоа се Исмаиловите синови и тоа се нивните имиња според нивните населби и шатори: дванаесет кнезови на толку племиња.
17 А ова е должината на Исмаиловиот живот: сто и триесет и седум години. Потоа издивна; умре и им се придружи на своите луѓе.
18 Неговите потомци се населија од Евил до Сур, што е на исток од Египет, кога се оди кон Асирија. Се населија независно од своите браќа.
19 Ова е родословие на Авраамовиот син Исак: Исак се роди од Авраама.
20 Исак беше на четириесет години кога се ожени со Ревека, ќерка на Арамеецот Ватуил од Падан Арам, а сестра на Арамеецот Лаван.
21 Исак му се обрати на Бога за својата жена, зашто беше неродилка. Господ го послуша и неговата жена Ревека зачна.
22 Но децата се судрија така, во нејзината утроба, што таа извика: „Ако е така, зошто да живеам!” И отиде да се посоветува со Господа.
23 И Господ и рече: „Два народа се во твојата утроба; две племиња ќе се одделат од твоето крило. Едниот народ ќе биде посилен од другиот, повозрасниот ќе му служи на помладиот.”
24 Дојде време да роди, кога ете - близнаци беа во нејзината утроба.
25 Се појави првиот. Беше црвен, сиот обрастен како кожна наметка. Затоа го нарекоа Исав.
26 Потоа се појави неговиот брат. Со раката се држеше за петицата на Исава. Затоа го нарекоа со името Јаков. Исак имаше шеесет години, кога се родија тие.
27 Кога децата пораснаа, Исав стана искусен ловец, полски човек. Јаков беше кроток човек и живееше во шатори.
28 Исав му беше помил на Исака, зашто сакаше дивеч, а Ревека го љубеше повеќе Јакова.
29 Еден ден Јаков вареше јадење. Исав дојде од полето, гладен.
30 Исав му рече на Јакова: „Дај ми да јадам од црвеното варило, зашто сум гладен.” Затоа му е името Едом.
31 А Јаков одговори: „Отстапи ми го првин своето првородство!”
32 Исав рече: „Еве ме речиси на умирање; зошто ми е првородството!”
33 Јаков продолжи: „Заколни ми се првин!” Тој му се заколна, и така му го продаде на Јакова своето првородство.
34 Тогаш Јаков му даде на Исава леб и варило од леќа. Јадеше и пиеше, па се крена и си отиде. Така Исав го презре своето првородство.