1 И Јосиф отиде и го извести фараонот: „Татко ми и браќа ми стигнаа со својот ситен и крупен добиток, и со сè што имаа, од Ханаанската Земја, и ене ги во Гесенската Земја.”
2 И земајќи петмина од своите браќа, ги воведе при фараонот.
3 А фараонот ги праша неговите браќа: „Со што се занимавате?” Му одговорија на фараонот: „Твоите слуги се сточари; како и нашите татковци.
4 Дојдовме да поживееме во земјава - му рекоа на фараонот - зашто ги снема пасиштата за стадата на твоите слуги. Страшен глад ја притисна Ханаанската Земја. Дозволи ни: твоите слуги да се населат во Гесенскиот Крај.”
5 Фараонот му рече на Јосифа: „Татко ти и браќа ти дојдоа кај тебе.
6 Египетската Земја е пред тебе; насели ги татка ти и браќа ти во најубавото место на земјава; тие нека живеат во крајот Гесен. А ако знаеш дека меѓу нив има способни луѓе, постави ги за надгледувачи на мојот добиток.”
7 И Јосиф го доведе татка си Јакова и му го претстави на фараонот. Јаков го благослови фараонот.
8 Фараонот го праша Јакова: „Колку се годините на твојот живот?”
9 Јаков му одговори на фараонот: „Деновите на мојот живот на земјата се сто и триесет години, малку и несреќни беа годините на мојот живот; не ги достигнаа годините на животот на моите татковци во дните на нивните скитања.”
10 Потоа Јаков го благослови фараонот и си отиде од кај него.
11 Така Јосиф ги насели татка си и своите браќа, давајќи им го во сопственост најубавиот крај на Египетската Земја, во Рамзескиот Крај, како што нареди фараонот.
12 А Јосиф ги снабде со храна татка си, своите браќа и целото татково семејство сè до најмалиот.
13 Никаде немаше храна: зашто притисна страшен глад: тој ги измачи и Египетската Земја и Ханаанската Земја.
14 Јосиф ги собра сите сребреници што се наоѓаа во Египетската Земја и во Ханаанската Земја за житото, што беше продавано, и ги однесе сребрениците во фараоновиот дворец.
15 Кога ги снема сребрениците во Египетската Земја и во Ханаанската Земја, сите Египетци дојдоа при Јосифа и му рекоа: „Дај ни леб! Зошто да изумреме пред твои очи? Нема веќе сребро.”
16 Јосиф одговори: „Дотерајте го својот добиток, па ќе ви дадам жито во замена за добитокот, штом ги снема сребрениците.”
17 Така тие го дотеруваа својот добиток при Јосифа; а Јосиф им даваше леб во замена за коњите, за ситниот и крупниот добиток и за ослињата. И ги снабдуваше во таа година со леб во замена за сиот нивни добиток.
18 Кога помина годината, дојдоа при него и во втората година и му рекоа: „Не можеме да скриеме од нашиот господар: сребрениците ги снема, добитокот е веќе отстапен на господарот; не ни останува ништо друго да му отстапиме на господарот освен себеси и нашите ораници.
19 Зошто да погинеме во твоите очи, и ние и нашата земја? Купи нè нас и нашата земја за леб; и така ќе станеме фараонови робови заедно со нашата земја; дај ни семе за да преживееме: да не умреме и да не запустат нашите ораници!”
20 Така Јосиф ја купи за фараонот сета Египетска Земја, зашто секој Египетец, кога го притисна гладот, ги продаде своите ниви. Така земјата стана фараонова сопственост,
21 а народот, од едниот до другиот крај на Египет, негово робје.
22 Единствено не ги купи свештеничките имоти, зашто фараонот им даваше на свештениците одреден дел, и така живееја од приходот што им го даваше фараонот, затоа не ги продадоа своите имоти.
23 А Јосиф му рече на народот: „Бидејќи денес ве купив за фараонот и вас и вашата земја, еве ви семе, па засејте ја земјата.
24 Но кога ќе биде жетвата, ќе му давате на фараонот една петина, додека четири петини ќе ви остануваат вам: за засејување на полето, за храна за вас и за оние, кои се во вашите домови и за храна на вашите деца.”
25 Тие одговорија: „Ни го спаси животот! Ние сме му благодарни на нашиот господар, зашто можеме да бидеме фараонови робови.”
26 Така Јосиф го постави земјоделскиот закон во Египет, што важи и денес: петината му припаѓа на фараонот; исклучувајќи ја само земјата на свештениците, што не му припаѓаше на фараонот.
27 Израел живееше во Египетската Земја, во Гесенскиот Крај; во него добија сопственост; беа плодни и се намножија многу.
28 Јаков поживеа седумнаесет години во Египетската Земја. А должината на Јакововиот живот достигна сто четириесет и седум години.
29 Кога му наближи на Израела времето да умре, го повика сина си Јосифа и му рече: „Ако најдов милост во твоите очи, стави ја раката под моето бедро, за да пројавиш милост и правда кон мене: Не ме погребувај во Египет!
30 За да легнам долу, со своите татковци, пренеси ме од Египет горе и погреби ме во нивната гробница!” А тој рече: „Ќе сторам според твоите зборови.”
31 И му рече: „Заколни ми се!” И тој му се заколна. Тогаш Израел се поклони длабоко врз перницата на постелата.