1 Јаков ги поткрена очите и виде дека доаѓа Исав и со него четири стотини луѓе. Ги раздели своите деца меѓу Лија, Рахила и двете слугинки;
2 ставајќи ги на чело слугинките и нивните деца; по нив Лија и нејзините деца; а Рахила и Јосифа одназад.
3 Самиот замина напред, се поклони седумпати до земја, додека му се приближи на брата си.
4 Исав се затрча во пресрет, го прегрна, паѓајќи му околу вратот, го пољуби и заплакаа.
5 Тогаш ги подигна очите и ги виде жените и децата. „Кои се овие со тебе?” праша. Тој одговори: „Децата кои Бог му ги подари на твојот слуга.”
6 Потоа слугинките со своите деца истапија напред и се поклонија длабоко.
7 И Лија истапи напред, со своите деца, па се поклонија. Најпосле, Јосиф и Рахила истапија напред и се поклонија.
8 Исав праша: „Зошто ти е сево множество, што го сретнав?” Тој одговори: „За да ја придобијам наклоноста на својот господар.”
9 Исав одговори: „Јас имам доста, брате мој. Нека ти остане тебе, што е твое.”
10 А Јаков рече: „Не! Ако најдов милост во твоите очи, прими дар од мојата рака; зашто мене ми е - бидејќи ме прими љубезно - како да го гледам Божјото лице.
11 Затоа прими го мојот благослов: што ти го донесов; зашто Бог ми подари, па имам сè.” И го наговори, и тој зеде.
12 „Да тргнеме на пат - рече Исав - и јас ќе патувам со тебе.”
13 Но тој му одговори: „Мојот господар знае дека децата се кревки. Освен тоа, треба да се грижам за овците и кравите, што дојат: ако ги терам пребргу само еден ден, сите ќе изумрат.
14 Мојот господар нека оди пред својот слуга, а јас ќе одам полека, според врвежот на добитокот пред мене и според чекорот на децата, додека стигнам при својот господар во Сир.”
15 Исав рече: „Да ти оставам неколку луѓе, од овие што се со мене!” Но тој му одговори: „Зошто е тоа? Јас само нека најдам милост во очите на мојот господар!”
16 Во тој ден, Исав се запати - по својот пат - назад во Сир,
17 додека Јаков отиде во Сокхот, каде си изгради куќа, и направи трла за својот добиток. Затоа го нарече местото Сокхот.
18 Откако дојде од Падан Арам, (Сирска Месопотамија) Јаков пристигна во сихемскиот град Салим, што се наоѓа во Ханаанската Земја, и го оптегна својот шатор пред градот.
19 Делот од полето, на кое го постави својот шатор, го купи од синовите на Емора, Сихемовиот татко, за сто сребреници.
20 Постави жртвеник таму и го повика таму името на Господа, Израелевиот Бог (Ел, Елое Израел).