Битие (1 Moj.) 14 MKB

1 Кога Амарфал беше цар на Сенар, Ариох цар на Елесар, Ходолгомор цар на Елам и Таргал цар на Гоим,

2 тие почнаа војна против Вер, цар на Содом; Варса цар на Гомор; Сенара цар на Адма; Симовор цар на Севоим и против царот на Вала, што е сега Сигор.

3 Сите тие се собраа во Сидимската Долина, каде е денес Соленото Море.

4 Дванаесет години му служеа на Ходолгомор, но на тринаесеттата кренаа востание.

5 Во четиринаесеттата година се кренаа Ходолгомор и царевите што беа со него и ги поразија: Рафајците во Карнаимскиот Астарот и Зузејците во Ам и Омејците во Киријатското Поле,

6 и Хорејците во планинскиот крај Сир, близу до Фаранската Рамница, што е покрај пустината.

7 Оттаму се повлекоа назад и стигнаа во Ен-Миспат, што е сега Кадис, и ја покорија целата земја на Амаликците и на Аморејците, кои живееја во Асасон-Тамар.

8 Потоа истапи царот на Содом и царот на Гомор и царот на Адма и царот на Севоим и царот на Вала, што е сега Сигор, и стапија во борба против оние, кои беа во Сидимската Долина:

9 против Ходолгомор, царот на Елам; Таргал, царот на Гоим; Амарфал, царот на Сенар; Ариох, царот на Еласар - четири цареви против пет.

10 Сидимската Долина беше полна со дупки, од кои вадеа смола; та царевите на Содом и Гомор, бегајќи паднаа во нив, а другите избегаа на планината.

11 Победниците ги зедоа сите богатства на Содом и Гомор и сета нивна храна и си отидоа.

12 Го зедоа и Лот, Аврамовиот внук од брат - кој живееше во Содом - и целиот негов имот, и си отидоа.

13 А еден што се спаси, брат Есхолов и Авнанов, Аврамови сојузници, му ја соопштија веста на Евреинот Аврам, кој живееше при дабот на Аморејска Мамра.

14 Кога Аврам чу дека е заробен неговиот внук, ги собра своите момчиња - родени во неговиот дом - триста и осумнаесет обучени мажи, ги вооружи и тргна во потера до Дан.

15 Ги подели своите момчиња во две групи, ги нападнаа ноќе и ги порази. Ги гонеше до Хова, северно од Дамаск.

16 Го врати целиот имот; го врати и својот внук Лот, со сето негово богатство, а и жените и мажите.

17 Откако се врати, по поразот на Ходолгомор и на царевите, кои беа со него, царот на Содом му излезе во пресрет во Савинската долина, што е Царски Дол.

18 А Малхиседек, царот на Салим, изнесе леб и вино. Тој Му беше свештеник на Сèвишниот Бог.

19 Го благослови велејќи: „Благословен да биде Аврам, Од Сèвишниот Бог, Творец на небото и земјата!

20 Благословеи да биде и Сèвишниот Бог, Кој ти ги предаде непријателите во твои раце!”

21 Тогаш содомскиот цар му рече на Аврама: „Дај ми ги луѓето, а имотот задржи го за себе!”

22 Аврам му одговори на царот на Содом: „Ја кревам раката пред Сèвишниот Господ, Создателот на небото и земјата,

23 и се колнам дека нема да земам ни конче ни ремче за обувка, ни што и да е твое, за да не речеш: ‘Аврам се збогати од мене’,

24 освен она што го изедоа моите момчиња и делот на мажите, кои дојдоа со мене: Авнан, Есхол и Мамриј, тие нека си го земат делот.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50