Битие (1 Moj.) 45 MKB

1 Јосиф не можеше веќе да се совладува пред оние, кои го опкружуваа, па извика: „Нека отстапат сите!” Така не остана никој со Јосифа, кога им се откри на браќата.

2 Заплака гласно одеднаш, да можеа и Египетците да го чујат. Се научи за тоа и во фараоновиот дворец.

3 „Јас сум Јосиф - им рече Јосиф на браќа си. - Дали е татко ми уште жив?” Но браќата не можеа да му одговорат, толку се смутија пред него.

4 Јосиф им рече пак на браќата: „Приближете се кон мене!” Кога се приближија, продолжи: „Јас сум Јосиф, вашиот брат; кого го продадовте во Египет.

5 Но сега не се возбудувајте и не жалете за тоа дека ме продадовте ваму; зашто Бог е Оној, Кој ме испрати пред вас, за запазување на вашиот живот.

6 Веќе две години се откако дојде гладот на земјата, а уште пет години нема да има ни орање ни жетва во земјата.

7 Затоа Бог ме испрати пред вас, за да ви биде запазен остатокот на земјата и да ви го спаси животот со големо избавување.

8 Така, вие не ме испративте ваму, туку Бог; Тој ме постави фараонов татко, господар над сиот негов дом и владетел над целата Египетска Земја.

9 Побрзајте кон мојот татко и речете му: ‘Твојот син Јосиф ти го порачува ова: „Бог ме постави за господар на целиот Египет; слези при мене без двоумење.

10 Ќе се настаниш во крајот Гесен. Така ќе бидеш близу до мене: ти, твоите деца, твоите внуци, твоите овци и говеда и сè што е твое.

11 Таму ќе се грижам за тебе, зашто гладот ќе потрае уште пет години. Така не ќе скуднееш ни ти, ни твоето семејство, ниту кој и да е твој.”‘

12 Па со своите очи можете да видите, како што гледа и брат ми Венијамин, дека мојата уста ви го зборува тоа.

13 Раскажете му на таткото за мојот висок положај во Египет и за сè што видовте; и доведете ми го таткото бргу ваму!”

14 И го прегрна братот Венијамин и заплака; а плачеше и Венијамин, прегрнувајќи го околу вратот.

15 Потоа ги изљуби сите свои браќа, им се расплака во прегратка. Потоа неговите браќа разговараа со него.

16 Гласот се расчу во фараоновиот дворец: „Јосифовите браќа стигнаа!” Тоа им беше мило на фараонот и на неговите царедворци.

17 А фараонот му рече на Јосифа: „Кажи им на своите браќа нека го направат ова: ‘Натоварете ги своите добичиња и тргнете веднаш во Ханаанската Земја.

18 Земете ги татка си и своите семејства и дојдете при мене! Јас ќе ви ја дадам најдобрата земја во Египет, па ќе уживате во изобилството на земјава.’”

19 А го заповеда и ова: „Направете вака: Од Египетската Земја, спотерајте коли за своите деца и за своите жени, земете го таткото и дојдете.

20 Нека вашите очи не се натажат за вашите работи, зашто сè што е најдобро во Египет, ќе биде ваше.”

21 Израелевите синови направија така. Според фараоновата повелба Јосиф им даде коли и храна за по пат.

22 Секому од нив му даде нова облека, а на Венијамина му даде триста сребреници и пет облеки.

23 Исто така, му испрати на татка си: десет ослиња натоварени со најдобри египетски плодови, и десет ослиња натоварени со жито, леб и прехранбени производи, за по пат на таткото.

24 Испраќајќи ги своите браќа на пат, им рече: „Не се препирајте патем!”

25 И така, тие си отидоа од Египет и стигнаа во Ханаанската Земја, при татка си Јакова.

26 Кога му рекоа: „Јосиф е жив и уште повеќе - владее над целата Египетска Земја!” Неговото срце се скамени, зашто не можеше да им верува.

27 Но кога му раскажаа сè што им рече Јосиф, и кога ги видоа колите, што ги испрати Јосиф, за да го превезат, духот на татка им Јакова оживе.

28 „Доста - рече Израел. - Мојот син Јосиф уште е жив. Треба да тргнам и да го видам пред да умрам.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50