Битие (1 Moj.) 12:1-7 MKB

1 Господ му рече на Аврама: „Излези од својата земја, од родното место и од татковиот дом; и оди во земјата што ќе ти ја покажам.

2 Ќе направам голем народ од тебе, ќе те благословам, ќе го прославам твоето име и самиот ќе бидеш благослов.

3 Јас ќе ги благословам оние, кои ќе те благословуваат, а ќе ги проколнам оние, кои ќе те проколнуваат. И во тебе ќе бидат благословени сите племиња на земјата.

4 Тогаш Аврам тргна, како што му рече Господ. И Лот тргна со него. Аврам имаше седумдесет и пет години кога излезе од Харан.

5 Аврам ги поведе со себе: својата жена Сара и својот внук Лот, со целиот имот што го спечалија и со сите луѓе што ги доби во Харан, и сите тргнаа кон Ханаанската Земја. Кога стигнаа во Ханаан,

6 Аврам ја пропатува земјата до местото Сихем - до дабот Море. Во тоа време Ханаанците живееја во земјата.

7 Господ му се јави на Аврама и рече: „Ќе му ја дадам оваа земја на твоето потомство.” И Аврам му направи таму жртвеник на Господа, Кој му се јави.