10 Тогаш двајцата ги испружија рацете надвор, го повлекоа Лота при себе, и ја затворија вратата;
11 а луѓето пред вратата, младите и старите, ги заслепија со блесок, така што не можеа да ја најдат вратата.
12 Тогаш двајцата го прашаа Лота: „Кого имаш уште тука: синови и ќерки, сè што имаш, изведи ги од местово!
13 Зашто ние ќе го истребиме местово: викотницата против нив стана пред Господа, толку голема, што Господ нè испрати да го уништиме.”
14 Лот излезе да им го каже тоа на своите идни зетови, што имаа намера да ги земат неговите ќерки, и рече: „Станете! Заминете од ова место, зашто Господ ќе го уништи градот!” Но на неговите зетови им се стори дека тој се шегува.
15 Кога се замугри, ангелите настојуваа при Лота, велејќи: „Стани! Земи ги својата жена и своите две ќерки, што се тука, за да не бидеш погубен со казната на градот!”
16 Ама тој се двоумеше. Затоа тие го фатија за раце, исто и неговата жена и неговите две ќерки, и - според Господовото смилување над нив - ги одведоа и ги оставија надвор од градот.