20 Ене град онаму, доста е близу за да побегнам во него, а местото е толку мало. Остави ме да избегам онаму - местото е навистина мало - дај, да го спасам животот!”
21 Му одговори: „Ќе ја послушам и таа твоја молба, и нема да го разурнам градот за кој зборуваш.
22 Бргу! Бегај онаму, зашто не можам да направам нешто додека ти не стигнеш таму.” Затоа градот се вика Сигор.
23 Додека сонцето изгреваше над земјата, Лот влегуваше во Сигор.
24 Господ истури сулфурен оган од небото на Содом и Гомор,
25 и ги уништи оние градови, и сета таа рамница, сите градски жители и сите растенија на земјата.
26 А Лотовата жена се обѕрна, и се претвори во столб од сол.