Битие (1 Moj.) 21:17-23 MKB

17 Бог го чу плачењето на детето, и Божји ангел ја повика од небото Агара и и рече: „Што ти е, Агаро? Не бој се! Зашто Бог го чу плачот на детето во неговата неволја!

18 Стани! Крени го детето и утеши го, зашто од него ќе издигнам голем народ.”

19 Тогаш Бог и ги отвори очите и таа забележа извор на вода. Отиде и го наполни мевот со вода, па го напои детето.

20 Бог беше со детето, па растеше и порасте. Живееше во пустината и стана искусен во стрелање со лак.

21 Неговиот дом беше во пустината Фаран; а неговата мајка му доведе жена од Египетската Земја.

22 Во тоа време, Авимелех - кого го придружуваше Филох, заповедник на неговата војска - му рече на Авраама: „Бог е со тебе во сè што правиш.

23 Затоа, заколни ми се сега и тука во Бога, дека нема да нè мамиш ни мене, ниту моите роднини и пријатели, туку дека ќе се однесуваш чесно кон мене и кон земјата во која живееш сега, како што јас се однесов кон тебе.”