6 Ревека му рече на својот син Јаков: „Ете, чув како татко ти му зборуваше на твојот брат Исав:
7 „Донеси ми дивеч и зготви ми вкусно јадење да јадам, па да те благословам пред Господовото лице, пред да умрам.”
8 А сега, сине мој, послушај ме и направи како што ќе ти наредам.
9 Оди при стадото и донеси ми оттаму две убави јариња, а јас ќе му зготвам од нив на твојот татко вкусно јадење, какво што тој сака.
10 Тогаш ти ќе му однесеш на татка ти да јаде, за да може да те благослови тебе, пред да умре.”
11 Но Јаков и одговори на својата мајка Ревека: „Мојот брат Исав е влакнест, а јас сум без влакна!
12 Можеби татко ми ќе ме допре, и ќе излезам измамник во неговите очи, па ќе навлечам врз себе проклетство, а не благослов.”