20 Така Јаков служеше, за Рахила, седум години, ама му се видоа, заради љубовта кон неа, како неколку дни.
21 Потоа Јаков му рече на Лавана: „Дај ми ја мојата жена, зашто моето време се исполни, па сакам да влезам при неа.”
22 Лаван ги собра сите луѓе од местото и им даде гозба.
23 Но вечерта ја зеде својата ќерка Лија и неа ја воведе кај Јакова, и тој и пријде.
24 Лаван и ја даде својата слугинка Зелфа на ќерка си Лија за слугинка.
25 Кога бидна утро, а тоа, ете, Лија! Тогаш Јаков му рече на Лавана: „Зошто ми стори така! Зар не ти служев јас за Рахила? Зошто ме измами?”
26 Лаван одговори: „Во нашето место не е обичај помладата да се омажи пред повозрасната.