1 Змијата беше полукава од сите полски животни, што Господ, Бог, ги направи. Таа и рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол, - не ќе јадете од ниедно дрво во градината?”
2 Жената и рече на змијата: „Смееме да јадеме плод од дрвата во градината.
3 Само за плодот на дрвото што е среде градината Бог рече: ‘Не јадете од него! И не допирајте го, за да не умрете!’”
4 А змијата и рече на жената: „Навистина, не ќе умрете!
5 Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото.”
6 Жената виде дека дрвото е добро за јадење, пријатно за очите и дрво пожелно за да се постане мудар: набра од неговиот плод и го јаде. Му даде и на својот маж, кој беше со неа, па и тој јадеше.
7 Тогаш на двајцата им се отворија очите, и согледаа дека се голи. Сплетоа смоквини лисја и си направија прегачи.