11 Избави ме од рацете на брата ми, од Исавовите раце! Инаку се плашам дека може да дојде и да нè убие: и мене, и мајките, и децата.
12 Ти рече: ‘Ќе ти давам изобилно добрини и твоето потомство ќе го умножам како морскиот песок, што не може да биде изброен заради своето множество.’”
13 Таму ја помина ноќта; а потоа, од она што имаше при рака, му приготви дар на својот брат Исав:
14 двеста кози и дваесет јарци, двеста овци и дваесет овни;
15 триесет камили - доилки со нивните мали камили; четириесет крави и десет јунци; дваесет ослиња и десет ждребиња.
16 Стадо по стадо им ги предаде на своите слуги. Тогаш им рече на своите слуги: „Одете пред мене, но држете растојание меѓу стадата!”
17 А на првиот му издаде заповед, велејќи: „Кога ќе те сретне мојот брат Исав, па те праша: ‘Чиј си? Каде одиш? Чие е ова пред тебе?’