Битие (1 Moj.) 41:46-52 MKB

46 Јосиф беше на триесет години кога стапи во служба на фараонот, египетскиот цар. А откако отиде од пред фараонот, Јосиф патуваше низ целата Египетска Земја.

47 Во седумте плодни години, земјата раѓаше во изобилство;

48 во тие седум години што Египетската Земја ги уживаше - тој собираше од разните полски приходи и храната ја чуваше во градовите, сместувајќи ја во секој град жетвата од околните полиња.

49 Така Јосиф натрупа многу жито, како песок во морето, па прекрати да го мери, зашто беше без мерка.

50 Додека уште не настапија гладните години, на Јосифа му се родија два сина, кои му ги роди Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он.

51 На првороденецот Јосиф му го даде името Манасиј, „зашто Бог - рече - направи да ги заборавам своите тешкотии и својот татков дом.”

52 На вториот му го даде името Ефраим, „зашто Бог - рече - ме направи плоден во земјата на мојата неволја.”