52 На вториот му го даде името Ефраим, „зашто Бог - рече - ме направи плоден во земјата на мојата неволја.”
53 Седумте години на изобилство, што ги уживаше Египетската Земја, дојдоа до крај,
54 а се приближија седумте гладни години, како што прорече Јосиф. Во сите земји беше глад, а во целата Египетска Земја имаше леб.
55 А кога и целата Египетска Земја почувствува глад, луѓето извикаа кон фараонот за леб; а фараонот им рече на сите Египетци: „Одете при Јосифа, и што ќе ви рече, правете!”
56 Кога гладот се прошири низ целата земја, Јосиф ги отвори житниците, па ги снабдуваше Египетците со жито, зашто гладот стана голем и во Египетската Земја.
57 Од сите земји доаѓаа во Египет, при Јосифа, да купуваат жито, зашто гладот се засили по целиот свет.