6 Но, ете, по нив израснаа седум слаби класови, изгорени од источниот ветер.
7 Празните класови ги голтнаа седумте крупни и полни класови. И фараонот се разбуди, и ете: тоа беше сон.
8 Утрото, фараонот беше смутен во духот, па ги повика сите египетски волшебници и мудреци: им ги раскажа фараонот своите соништа, но никој не можеше да ги протолкува.
9 Тогаш главниот фараонов виноцрпец проговори: „Треба денес да си спомнам за еден свој пропуст.
10 Еднаш, кога фараонот се налути на своите службеници, на мене и на главниот лебопекар, нè стави во темницата на началникот на телохранителите.
11 Сонувавме сон во истата ноќ, и јас и тој, но секој од нас виде сон со друго значење.
12 Тогаш со нас беше некој млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата. Му ги раскажавме нему своите соништа, а тој ни ги протолкува: на секој му го кажа значењето на неговиот сон.