Битие (1 Moj.) 41:8-14 MKB

8 Утрото, фараонот беше смутен во духот, па ги повика сите египетски волшебници и мудреци: им ги раскажа фараонот своите соништа, но никој не можеше да ги протолкува.

9 Тогаш главниот фараонов виноцрпец проговори: „Треба денес да си спомнам за еден свој пропуст.

10 Еднаш, кога фараонот се налути на своите службеници, на мене и на главниот лебопекар, нè стави во темницата на началникот на телохранителите.

11 Сонувавме сон во истата ноќ, и јас и тој, но секој од нас виде сон со друго значење.

12 Тогаш со нас беше некој млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата. Му ги раскажавме нему своите соништа, а тој ни ги протолкува: на секој му го кажа значењето на неговиот сон.

13 Како што ни ги протолкува, така и ни се случи: мене ме вратија на моето место, а оној го обесија.”

14 Фараонот веднаш испрати по Јосифа; го извлекоа набрзина од темницата; му ја истригаа косата, го облекоа во ново облекло, и тој стапи пред фараонот.