12 Тој пак им рече: „Не, туку дојдовте да ги согледате слабите места на земјава.”
13 Тие одговорија: „Ние, твоите слуги, бевме дванаесет браќа - синови на еден татко - во Ханаанската Земја; најмладиот е сега со таткото, а едниот веќе го нема.”
14 Но Јосиф им дофрли: „Онака е како што веќе ви реков: вие сте согледувачи!
15 Вака ќе ве испитам: жив да ми е фараонот, оттука нема да излезете, ако вашиот најмлад брат не дојде тука!
16 Испратете еден од вас да ви го доведе братот, а вие другите во темница! Така ќе го проверам вашето тврдење и ќе видам дали е вистината со вас или не е. Инаку, жив да ми биде фараонот, вие сте согледувачи.”
17 Потоа ги фрли во темница за три дни.
18 На третиот ден, Јосиф им рече: „Извршете го тоа, и ќе останете во живот, зашто јас сум човек, кој се бои од Бога.