Битие (1 Moj.) 42:18-24 MKB

18 На третиот ден, Јосиф им рече: „Извршете го тоа, и ќе останете во живот, зашто јас сум човек, кој се бои од Бога.

19 Ако сте чесни, еден од вас нека остане во затворот, а вие другите одете си и однесете го житото во својот дом што гладува.

20 Потоа доведете ми го вашиот најмлад брат, за да докажете дека се вистинити вашите зборови и да не загинете.” Тие се согласија.

21 И еден на друг си велеа: „Тешко ни нам! Нè стигна казна заради нашиот брат; ја гледавме неговата мака додека нè молеше за милост, ама не го послушавме. Затоа нè снајде оваа неволја.”

22 Рувим им одговори: „Зар не ви зборував: ‘Не грешете против детето!’ Но вие не слушавте. Сега се бара сметка за неговата крв.”

23 Не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто зборуваа со него преку преведувач.

24 Тој се оддалечи од нив и заплака. Пак се врати и разговараше со нив. И го одвои Симеона од нив и нареди да биде врзан пред нивни очи.