23 Не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто зборуваа со него преку преведувач.
24 Тој се оддалечи од нив и заплака. Пак се врати и разговараше со нив. И го одвои Симеона од нив и нареди да биде врзан пред нивни очи.
25 А Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито; секому да му ги стават сребрениците во вреќата и да им дадат храна за по пат. Така им сторија.
26 Тие го натоварија житото на своите ослиња и тргнаа оттаму.
27 Кога еден од нив ја отвори, во преноќиштето, својата вреќа, за да го нахрани ослето, ги виде своите сребреници одозгора во вреќата.
28 „Моето сребро ми е вратено! - им извика на браќата. - Еве го во мојата вреќа!” Срцето затрепери во нив. Се загледаа уплашени и рекоа: „Што ни го стори ова Бог?”
29 Откако дојдоа при својот татко Јаков, во Ханаанската Земја, му кажаа што им се случи.