25 А Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито; секому да му ги стават сребрениците во вреќата и да им дадат храна за по пат. Така им сторија.
26 Тие го натоварија житото на своите ослиња и тргнаа оттаму.
27 Кога еден од нив ја отвори, во преноќиштето, својата вреќа, за да го нахрани ослето, ги виде своите сребреници одозгора во вреќата.
28 „Моето сребро ми е вратено! - им извика на браќата. - Еве го во мојата вреќа!” Срцето затрепери во нив. Се загледаа уплашени и рекоа: „Што ни го стори ова Бог?”
29 Откако дојдоа при својот татко Јаков, во Ханаанската Земја, му кажаа што им се случи.
30 „Човекот, кој е господар на онаа земја - рекоа - ни зборуваше остро и нè обвини како согледувачи.
31 ‘Чесни луѓе сме - му рековме - и никогаш не сме биле извидници.