Битие (1 Moj.) 43:5-11 MKB

5 Но ако не го пушташ него со нас, тогаш ние таму и нема да одиме, зашто оној ни се закани: ‘Не смеете пред мене, ако вашиот брат не биде со вас.’”

6 „Зошто ми правите зло - праша Израел - кажувајќи му на човекот дека имате уште еден брат?”

7 Тие одговорија: „Човекот нè распрашуваше непрекратно за нас и за нашето семејство: ‘Уште ли е жив татко ви? Имате ли уште некој брат?’ Ние му одговаравме на прашањата. Како можевме да знаеме дека ќе рече: ‘Доведете го брата си!’”

8 Потоа Јуда му рече на татка си Израел: „Пушти го детето со мене, па да станеме и да тргнеме; така ќе преживееме, а нема да изумреме, и ние и ти и нашите деца.

9 Јас емчам за него, и сметај ме одговорен за него. Ако не ти го вратам тебе и ако не го доведам пред тебе, ќе ти бидам виновен засекогаш.

10 Па ако не се двоумевме толку, можевме веќе и двапати да се вратиме.”

11 Нивниот татко Израел им рече: „Штом е така, нека биде; ама направете го ова: ставете во торбите најодбрани производи на оваа земја: малку балсам, малку мед и миродии, мириси и смирна, и лешници и бадеми, и однесете му ги како дар на оној човек.