Битие (1 Moj.) 44:17-23 MKB

17 „Далеку од мене да направам така! - одговори. - Туку, мој роб ќе биде оној, кај кого е најдена чашата, а вие другите одете си мирно при својот татко!”

18 Тогаш Јуда му се приближи и рече: „Господару мој, те молам, дозволи му на својот слуга да му каже збор, на ушите на својот господар, и твојот гнев нека не се разлева на твојот слуга; па ти си рамен на фараонот.

19 Мојот господар ги праша своите слуги: „Имате ли татко или уште некој брат?”

20 Му одговоривме на својот господар: „Имаме стар татко; тој има уште еден син, роден во неговата старост, тој е најмлад, неговиот брат умре, така што тој остана единствен од својата мајка. Неговиот татко го љуби особено.”

21 Потоа им рече на своите слуги: ‘Доведете ми го ваму, за да го видат моите очи!’

22 А ние му одговоривме на својот господар: ‘Детето не може да го остави таткото; кога би го оставил, таткото би умрел.’

23 Но ти им рече на своите слуги: ‘Ако вашиот најмлад брат не дојде со вас ваму, нема повеќе да го видите лицето мое.’