Битие (1 Moj.) 45:15-21 MKB

15 Потоа ги изљуби сите свои браќа, им се расплака во прегратка. Потоа неговите браќа разговараа со него.

16 Гласот се расчу во фараоновиот дворец: „Јосифовите браќа стигнаа!” Тоа им беше мило на фараонот и на неговите царедворци.

17 А фараонот му рече на Јосифа: „Кажи им на своите браќа нека го направат ова: ‘Натоварете ги своите добичиња и тргнете веднаш во Ханаанската Земја.

18 Земете ги татка си и своите семејства и дојдете при мене! Јас ќе ви ја дадам најдобрата земја во Египет, па ќе уживате во изобилството на земјава.’”

19 А го заповеда и ова: „Направете вака: Од Египетската Земја, спотерајте коли за своите деца и за своите жени, земете го таткото и дојдете.

20 Нека вашите очи не се натажат за вашите работи, зашто сè што е најдобро во Египет, ќе биде ваше.”

21 Израелевите синови направија така. Според фараоновата повелба Јосиф им даде коли и храна за по пат.