10 Потоа Јаков го благослови фараонот и си отиде од кај него.
11 Така Јосиф ги насели татка си и своите браќа, давајќи им го во сопственост најубавиот крај на Египетската Земја, во Рамзескиот Крај, како што нареди фараонот.
12 А Јосиф ги снабде со храна татка си, своите браќа и целото татково семејство сè до најмалиот.
13 Никаде немаше храна: зашто притисна страшен глад: тој ги измачи и Египетската Земја и Ханаанската Земја.
14 Јосиф ги собра сите сребреници што се наоѓаа во Египетската Земја и во Ханаанската Земја за житото, што беше продавано, и ги однесе сребрениците во фараоновиот дворец.
15 Кога ги снема сребрениците во Египетската Земја и во Ханаанската Земја, сите Египетци дојдоа при Јосифа и му рекоа: „Дај ни леб! Зошто да изумреме пред твои очи? Нема веќе сребро.”
16 Јосиф одговори: „Дотерајте го својот добиток, па ќе ви дадам жито во замена за добитокот, штом ги снема сребрениците.”