7 И Јосиф го доведе татка си Јакова и му го претстави на фараонот. Јаков го благослови фараонот.
8 Фараонот го праша Јакова: „Колку се годините на твојот живот?”
9 Јаков му одговори на фараонот: „Деновите на мојот живот на земјата се сто и триесет години, малку и несреќни беа годините на мојот живот; не ги достигнаа годините на животот на моите татковци во дните на нивните скитања.”
10 Потоа Јаков го благослови фараонот и си отиде од кај него.
11 Така Јосиф ги насели татка си и своите браќа, давајќи им го во сопственост најубавиот крај на Египетската Земја, во Рамзескиот Крај, како што нареди фараонот.
12 А Јосиф ги снабде со храна татка си, своите браќа и целото татково семејство сè до најмалиот.
13 Никаде немаше храна: зашто притисна страшен глад: тој ги измачи и Египетската Земја и Ханаанската Земја.